“. . . Творештвото на Рисима Рисимкин го класифицираме во македонската танцова авангарда која успеа да наметне (понекогаш и по цена на жестоки критики и негации) нови погледи во однос на танцот. . . “
Соња Здравкова Џепароска, “Театарот на почвата на Македонија 20 век
“. . .Водечки критериум за Рисима Рисимкин е визуелниот момент, поради што создава ефектни, впечатливи слики, кои говорат за нејзините режисерски квалитети.. . .”
“. .. Таа тргнува од провокацијата да ги урне концептите на обликување и да понуди нови. . . .”
ДНЕВНИК СТРАВИНСКИ
КРИТИКИ
Нова Македонија, понеделник 15 март 2004
ПУБЛИКАТА ВИЗУЕЛНО ЈА ПОЧУСТВУВА МУЗИКАТА НА СТРАВИНСКИ
Премиерата на мултимедиалниот спектакл “Дневник Стравински” што се одржа во саботата навечер, во Универзалната сала, претставуваше вистинско сценско освежување за македонската публика. Таа со силни овации и повеќеминутно ракоплескање го изрази своето воодоошевување од артистичкиот и балетскиот настап на екипата на Македонскиот центар за танц, на специјалните гости Борис Трајанов и примабалерината од Германија, Ирена Ветерова. . .
В.А.
Македонија денес, вторник 16 март 2004
ВПЕЧАТЛИВО И МОДЕРНО ПОСТАВУВАЊЕ НА СТРАВИНСКИ
. . . Изведбата на балетот “Посветување на пролетта”, овој со македонска транскрипција, за прв пат на нашата сцена ја вброи Рисима во плејадата кореографи кои творјќи со епитет најдобри, одговорија на барањата на Стравински….
. . . Низ својот квалитетен кореографски јазик, Рисима Рисимкин, успешно се исправи пред предизвикот наречен Стравински. . .
. . . Интензивно ритмичната партитура со исклучително комплексна музика, добро интерпретирана од симфоничарите на Македонската филхармонија, која продираше од прозрачната завеса . . .
. . . .Еден од највпечатливите ликови на претставата беше дефинитивно ликот на Музата на Стравински кој во интерпретација на балерината Ирена Ветерова, остави длабок белег на претставата, возбудувајќи ги присутните во целост. Моќните страсни движења на останатиот дел од екипата совршено се надополнуваа во нејзините исклучително меки и префинети движења обликувани во целосно елегантниот настап. Ветерова, која патем е примабалерина во Висбаденскиот театар во Германија, и даде на претставата исклучителна уметничка тежина која остана да лебди како сеќавање и впечаток долго попретставата. . .
М. Таневска
Дневник, среда 17 март 2004
НЕСЕКОЈДНЕВЕН НАСТАН ШТО ГИ ВОЗБУДИ СИТЕ СЕТИЛА
. . . Режисерот и кореограф на претствата, Рисима Рисимкин, веројатно музиката од балетот ја доживеала длабоко, со преиспитување на психологијата на самиот Стравински. Токму во тој контекст е поставена балетската кореографија, кој преку основната композиторска замисла не води во неговата длабока психолошка борба со Музиката, Музата, Нотите и Сонатите за Пророкот, Творецот и Убавината. Преку овие седум ликови Рисима Рисимкин создава едно несекојдневно, уметничко зрело дело, кое дуелот помеѓу смртта и раѓањето од паганските ритуали го пренесува во психолошкиот профил на Стравински: неговиот немир предизвикуван од Музата, неговата мрачност наспроти смиреноста на музиката која непрестајно го заведува и мами кон себе, неговата игра со ликовите што живеат во него и си поигруваат со внатрешните претстави на секој творец што се поклонува пред Пророкот и Убавината. Сета оваа внатрешна борба на Стравински, отстрана надгледувана од моќната Муза која само го допира и предизвикува раѓањето и си поигрува со нежната нота, е само едно чисто изразување на хаосот во композиторот. И, преку едноставна слика, чисти кореографски движења, пастелна и жива кореографија која мајсторски го визуелизира ликот на секоја претстава, Рисимкин не возобнови со една нова енергија која го доближи Стравински како композитор - човек со бујна имагинација, која ја преточува во сите негови дела. Веќе на самиот почеток, преку моќниот глас на Борис Трајанов и зборовите неа Томас С. Елиот, го добивме сижето на овој балет. Овојпат во сосема друга конотација од оригиналното либрето на Старвински. Но спојот помеѓу двете навидум различни приказни е оригинален и ненаметливо логичен. На крајот, по целата измачувачка борба, сепак Музата го просветли уметникот и во целата хаотичност, после се, остана само Музиката.
Навистина одлична изведба, по долго време комплетна слика во која балетот се одвиваше во жива изведба на музиката. Македонската филхармонија, заедно со балетскиот корпус, создаде еден магичен амбиент на нераскинливо тело што ги засегна сетилата на сите. Се чини дека кај нас постои врвен уметнички и сестран потенцијал. Васил Зафирчев, заедно со балерините, комплетно актерски и кореографски го долови ликот на Стравински, а оркестарот под диригенство на Ле Фи Фи како да го дочека својот предизвик што вроди речиси беспрекорна изведба на едно од најубавите дела во светската музичка литература “Посветување на пролетта”.
Велика С. Серафимовска
Време, 16 март 2004
ТАНЦ ВО ЧЕСТ НА НОВИОТ ЦИКЛУС
. . Рисима Рисимкин балетот на Старвински го разработила преку музиката, фокусирајќи се на внатрешната борба на авторот со самиот себеси, потенцирајќи го неговиот немирен дух, вечната потрага по совршеното, по музите, по универзалната и космичка музика.Рисмкин одлично ја замислила целата приказна, играјќи со Музата (Ирена Ветерова), со Музиката (Искра Ветерова) со Нотите (Бистра Делиниколова) на вечниот Стравински, фантастично претставен преку ликот на актерот Васил Зафирчев.. . .
Ангелина Димовска
Дневник, понеделник 22 март
ПРЕТСТАВА МЕЃНИК НА МАКЕДОНСКАТА ТАНЦОВА ИСТОРИЈА
. . .”Посветување на пролетта” креативно го испровоцира македонскиот кореограф Рисима Рисимкин. Таа даде сопствен концепт што драстично се разликува од досега видените, притоа интервенирајќи и во насловот на делото. “Дневник Стравински” во продукција на Македонскиот центар за танц соедини повеќе македонски реномирани уметници. Оваа претстава може да ја означиме како меѓник во македонската танцова историја, бидејќи е значајна од неколку аспекти. Пред се претставува премиерна изведба на “Посветување на пролетта” на домашна сцена. Од друга страна, за прв пат еден независен проект беше реализиран со оркестарска изведба. Филхармонискиот оркестар под диригентската палка на Ле Фи Фи, позитивно влијаеше врз рецепцијата на делото, збогатувајќи ја изведбата. Со “Дневник Стравински”, Рисимкин ја продолжи трасираната линија на уметничкио дејствување, но истовремено направи вистински исчекор во првец на создавањето на современата мултимедијана театарска форма.. . .
. . . Сите оние што имаа можност да присуствуваат на изведбата на “Дневник Стравински” ќе се согласат дека станува збор за една нестандардна, ултрамодерна претства која успеа да ги соедини трите основни театарски изрази во единствена креативна рамка. Рисимкин делото на Стравински му го посвети на самиот композитор.
Соња Здравкова-Џепаровска
|